top of page

Учениците со аутизам во редовното образование

Updated: Mar 25, 2020



Образованието на учениците со посебни образовни потреби им овозможува да се стекнат со вештини, навики, култура на однесување и слично но исто така им овозможува и да следат пример од соучениците и наставниците и да научат како да се однесуваат во одредени животни ситуации.

Наставниците пак се среќаваат со голем број на препреки за инклудирање на овие ученици во редовниот образовен систем.

За да се разбере едно аутистично дете треба да се погледне со неговите очи , да се слушне со неговите уши и да се допре со неговите раце за да можеме да увидиме со што тоа се соочува и што чувствува во моментот на одредена активност.Сепак ќе издвоиме некои наставни стратегии за подобра инклузивна училница на учениците со аутизам.

- Учениците со аутизам најдобро работат кога нивната дневна рутина е предвидена, со јасни очекувања. Распоредот мора да биде визуелен и изложен на познато место во секое време


- За учениците кои имаат слабо развиен говор или воопшто неразвиен говор во голема мера треба да се користи невербалната комуникација. Оваа комуникација може да се оствари со помош на визуелни средства : картички со натпис, слики, договорени невербални знаци (движење, мимики, звуци и сл). Можноста за комуникација ја намалува напнатоста и чувството на неразбирање и кај ученикот и кај наставникот.

- Поголемиот број на ученици со аутизам имаат зголемена потреба за движење. Дозволете им да станат од столчето, да се прошетаат и повторно да се вратат на место. Со текот на времето ќе може однапред да се договорате за правилата кога може да ја прекине активноста.

- Учениците во инклузивната училница треба да ја следат редовната програма, но и покрај тоа акцент треба да се стави и на секојдневните животни активности, оспособување за живот во заедницата,рекреакција, слободно време и вработување.

- Многу ученици со аутизам имаат свои јаки страни и изразени интересирања и тоа треба да се искористи во училницата. На пример ако ученикот го интересираат возови, ученикот може да чита, пишува и црта возови.

- Задолжителна најава за промена на активноста или рутината.

Не треба да заборавиме дека секој ученик е слика за себе и дека одредено правило може да важи за еден ученик и да има резултати но кај друг ученик со истата дијагноза или состојба може да даде негативен ефект. Затоа треба да го опсервираме ученикот и да увидиме со кои методи, техники и средства за работа би можеле да му помогнеме и да му го олесниме воспитно образовниот процес.

Мартина Трајковска – дефектолог

コメント


コメント機能がオフになっています。
bottom of page