Нашето училиште систематски, организирано и перманентно ги подготвува учениците за животот и надвор од него. Имаме цел да изградиме граѓани кои демократски и активно ќе учествуваат во животот на заедницата и токму поради тоа ги поттикнуваме нашите ученици на демократска партиципација и делување во сите сегменти на функционирање на училиштето. Ги вклучуваме во донесување одлуки во училиштето во однос на прашањата што се од нивен непосреден интерес.
Преку работењето во Училишната заедница учениците се поттикнуваат на постојана соработка, се промовира еднаквоста и правичноста и кога се работи за правата, и кога се работи за одговорностите. Се развива чувство на одговорност за почитување на училишните норми и вредности, како и за надминување на проблемите во училиштето што се дел од секојдневното живеење.
Училишната заедница во нашето училиште работи по однапред изготвена годишна програма за работа и врз основа на истата нашите ученици партиципираат во скоро сите домени од училишното живеење и тоа:
наставата: како да се подобри успехот и оценувањето, како да се подобри квалитетот на наставата или некои услови за работа
воннаставните активности: како да се одбележи некоја манифестација, како да се организира заедничка забава, кои секции да се организираат во училиштето, да се направи истражување на одредена тема
односите меѓу учениците: како да се подобрат односите во паралелката, како да се разреши некој конфликт
односите со возрасните: како да се решат проблемите во релациите на некои наставници и ученици
физичките услови во училиштето: како да се уреди училиштето, како да се подобри хигиената, како да се обезбедат нови книги во библиотеката
Училишната заедница е многу важна за сите нас затоа што преку нејзиното работење се развиваат социјални вештини и критичкото мислење кај учениците, се гради почитување и прифаќање на различностите.
Ова не е секогаш лесно. На тој пат се испречуваат низа бариери кои бараат да се прифати предизвикот и да се верува во своите потенцијали. Од посветеноста за градење ученици подготвени за демократско делување има придобивки целото училиште.
Александра Цветаноска - педагог
Comments