Образованиетo е процес на промена на личноста во посакуваната насока преку усвојување на различни содржини во зависност од возраста и потребите на поединецот. Тоа е клучен фактор за развојот на општеството, најважната инвестиција што ние како општество секојдневно треба да ја поттикнуваме, со цел нашите идните поколенија да ги наоружаме со знаење и вештини, кои ќе им овозможат нормална егзистенција.
Живеењето во 19-тата година од 21-виот век го актуелизира прашањето за тоа какво образование е потребно во 21-виот век?
Колку училиштето во целина, со сите чинители кои го креираат училишниот живот е средина која го подготвува младиот човек за живот во 21-ви век?
Современиот ученик, во 21-век има специфични развојни карактеристики и специфични потреби за учење.
Истовремено, животот на човекот драматично се менува под влијание на технологијата.
Од суштинско значење за воспитно-образовниот процес е ова да го препознае и да се обиде да ги следи и вгради во себе современите научни сознанија за процесот на учење и да ги имплементира во наставниот процес.
Современите педагошки сознанија укажуваат дека концептот на современо учење се менува, со цел да ги следи брзите општествени промени.
Главна појдовна основа на воспитно-образовниот процес во 21 век треба да биде поттикнување на вештините на учениците за успешно вклучување во современиот свет, преку градење на самодоверба и развој на вештини. Основните вештини кои се клучни за успешно учење и професионален развој на секоја единка треба да бидат:поттикнување на креативноста, критичното мислење, емоционалната и дигитална/медиумска писменост и соработката и инклузијата во воспитно-образовниот процес. Тоа се вештините на чие развивање е потребно да се работи во современиот воспитно-образовен процес во 21-виот век.
Ова подразбира дека и улогата на наставникот во училницата се менува, односно дека тој веќе не е пренесувач на знаења, туку менаџер во училницата, кој влијае и го кокреира воспитно-образовниот процес низ перманентна интеракција со учениците.
Училиштето се менува под влијание на многу фактори, најмногу поради развојот на технологијата, но сепак, она што останува задача на училиштата е: социјализација низ групни активности, супервизија како и креирање на позитивна и поттикнувачка училишна клима каде поединецот се подготвува за животот.
コメント